Нови, вознемирувачки информации се појавуваат за двата смртни случаи со траги од насилство во скопската општина Ѓорче Петров, кои се случија во период од само пет дена.
Според неофицијални сознанија на „Скопје1“, кај двете жртви биле забележани траги што упатуваат на врзување пред смртта, што отвора прашања дали случаите би можеле да бидат поврзани.
На 27 октомври, во својот дом на улицата „Ѓурчин Кокале“, била пронајдена почината 76-годишна жена. Според објавените информации, таа живеела сама, а без знаци на живот ја пронашла нејзината ќерка, која во 09:18 часот го пријавила случајот во полиција.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт со видливи траги од насилство, по што телото било предадено на обдукција по насоки на јавен обвинител.
Меѓу соседите кружат информации дека жената била врзана и убиена при грабеж, но ваквите тврдења не се официјално потврдени, ниту е утврден мотивот за нејзината смрт.
Слични околности, според истите неофицијални извори, биле забележани и кај 62-годишен маж, кој на 22 октомври бил пронајден починат во својот дом во Ѓорче Петров.
Наводно, и кај него постоеле траги од врзување на нозете.
Засега нема официјална потврда дека двата случаи се поврзани или дека зад нив стои ист сторител. Околностите и причините за смртта се предмет на истрагата.








