Страшна семејна трагедија се случила на грчкиот остров Крит, каде што 18-месечно машко бебе починало откако испило бензин во семејниот дом.
Според грчките медиуми, трагичниот настан се случил додека детето било во бањата со својата мајка.
По несреќата, родителите веднаш го однеле бебето во Универзитетската болница во Ираклион, каде што лекарите започнале итна борба за неговиот живот.
Медицинскиот тим го интубирал детето и успеал накратко да го реанимира, но неговата здравствена состојба нагло се влошила.
За жал, и покрај напорите на лекарите, бебето починало кратко потоа.
По трагичниот настан, грчката полиција ги уапсила двајцата родители – 37-годишниот татко и 31-годишната мајка.
Тие се осомничени за кривично дело поврзано со смртта на детето од небрежност, а истрагата треба да утврди дали имало пропусти во надзорот.
Надлежните органи испитуваат како детето успеало да дојде до бензинот и дали опасната материја била оставена на место достапно за него.
Засега не се објавени дополнителни детали за точните околности под кои бебето го испило горивото.
Грчките власти продолжуваат со прибирање докази и информации за целосно расветлување на случајот.
Конечната одговорност на родителите ќе се утврдува во понатамошната постапка.






