Во изминатото деноноќие, на територијата на Македонија биле регистрирани шест пријави за семејно насилство, информира Министерството за внатрешни работи.
Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопруги, поранешна партнерка, малолетна ќерка и брат.
Во гостиварско село, полицијата уапсила 35-годишен маж, осомничен дека по кратка расправија со остар предмет го нападнал својот брат во дворот на семејната куќа.
Во село во општина Чашка, бил приведен 51-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал својата 36-годишна сопруга. За случајот е известен јавен обвинител.
Во Струмица, полицијата уапсила 37-годишен маж, откако било пријавено дека агресивно се однесувал кон својата поранешна сопруга во семејниот дом.
Особено вознемирувачки е случајот во скопски Бутел, каде што 34-годишен татко бил пријавен дека физички ја нападнал својата малолетна ќерка.
Во скопската општина Аеродром, 36-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот 52-годишен сопруг.
Во Битола, пак, полицијата привела 48-годишен маж по пријава од неговата 43-годишна вонбрачна сопруга дека физички ја нападнал.
Од МВР информираат дека по сите пријавени случаи се преземаат мерки за нивно целосно расчистување и документирање, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.
Министерството апелира граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат.
Секој што е жртва или има сознанија за семејно насилство може да се обрати во најблиската полициска станица или да пријави на телефонските броеви 112 и 192.








