Девет Палестинци загинаа, а неколку други беа повредени додека чекале ред за помош во близина на раскрсницата Нецарим, во централниот дел на Појасот Газа, јавуваат болнички извори од „Ал-Авда“ и „Ал-Акса“. Според извештајот на Ал Џазира, инцидентот се случил за време на дистрибуција на хуманитарна помош, што сѐ почесто се претвора во крвави сцени.
Ова е само најнов случај од серијата насилства поврзани со точките за дистрибуција на помош, воспоставени од таканаречената Хуманитарна Фондација за Газа – иницијатива поддржана од САД и Израел.
Раководителот на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNWRA) остро ја критикуваше оваа иницијатива, нарекувајќи ја „стапица на смртта“ и укажувајќи дека наместо спас, овие места стануваат нови жаришта на трагедии.
Локалните хуманитарни организации и меѓународни набљудувачи сѐ погласно предупредуваат дека пристапот до основна помош станува смртоносна рутина за цивилите во Газа, кои се соочуваат со недостиг на храна, лекови и безбедност.