Во местото Иванча, во близина на Нови Пазар, вчера околу 17:30 часот се случила сообраќајна несреќа откако на 60-годишен возач му се слошило додека управувал со автомобил „Нива“, по што возилото излетало од патот.
Според неофицијалните информации, М.Б. најверојатно доживеал срцев удар додека бил зад воланот. Возилото завршило надвор од коловозот, но не удрило во друго возило или во објект покрај патот.
На местото веднаш биле испратени полициски екипи и екипа на итната медицинска помош. Поради исклучително непристапниот терен, службените возила не можеле да стигнат директно до автомобилот, па полицајците и медицинските лица морале да пешачат околу еден километар за да дојдат до возачот.
На местото пристигнал и надлежниот обвинител, а полицијата извршила увид. Засега нема официјални информации за точната причина за инцидентот, а истрагата продолжува за да се утврдат сите околности.








