Поранешна студентка на престижниот американски универзитет Корнел поднесе граѓанска тужба против седуммина членови на студентското братство „Чи Фај“, тврдејќи дека во 2024 година била дрогирана, физички нападната и групно силувана.
Случајот повторно се најде во фокусот на јавноста откако обвинителството во округот Томпкинс, во американската сојузна држава Њујорк, одлучи повторно да ги разгледа околностите и да го презентира предметот пред голема порота.
Според наводите во тужбата, во 2024 година ниту еден од седуммината студенти не се соочил со кривична постапка. Наместо тоа, Универзитетот Корнел спровел сопствена дисциплинска постапка, при што биле изречени суспензии, а еден од условите за враќање бил студентите да напишат есеј за сексуално насилство и согласност.
Окружниот обвинител Метју Ван Хаутен изјавил дека тогашната одлука да не се покрене кривична постапка се темелела на првичниот исказ на студентката, во кој, според него, немало експлицитно тврдење дека била присилно опиена или сексуално нападната без согласност.
Нејзиниот адвокат Томас Џуфра го оспорува ваквото објаснување и тврди дека со студентката тогаш не разговарал специјализиран истражител за сексуални деликти, туку дека бил направен површен полициски запис додека таа била во состојба на тешка траума.
Сега обвинителството повторно го разгледува случајот, а големата порота треба да утврди дали постои основа за евентуално кривично гонење.







