Тројца мажи во Тенеси, Алабама и Оклахома денеска треба да бидат погубени со смртоносна инјекција, што би бил прв таков случај во Соединетите Американски Држави (САД) од јануари 2010 година.
Во Тенеси за погубување е закажан 66-годишниот Ентони Дарел Хајнс, осуден на смрт поради убиство на 54-годишната собарка Кетрин Џин Џенкинс во 1985 година, пренесе АП. Хајнс ја избодел со нож додека работела во мотел во Кингстон Спрингс. Тој безуспешно се жалеше до гувернерот и до судовите, меѓу другото наведувајќи дека поради здравствени проблеми би можел да има потешкотии со поставувањето интравенска линија.
Неговото погубување е закажано само три месеци откако во Тенеси беше запрена егзекуцијата на друг затвореник поради проблеми со интравенската инфузија. Гувернерот Бил Ли тогаш на затвореникот Тони Карутерс му одобри едногодишно одложување.
Во Алабама треба да биде погубен 42-годишниот Џереми Вилијамс за силување и убиство на петгодишната Камари Холанд од Џорџија во 2021 година. Вилијамс се изјасни за виновен и одби да поднесува жалби, барајќи неговата смртна казна да биде извршена. Според обвинителите, Вилијамс ја силувал и ја задавил девојчето откако на нејзината мајка ѝ понудил 2.500 долари за да изврши сексуален чин со детето.
Доколку се изврши, ова би било прво погубување во Алабама оваа година. Погубувањето со азотен гас во таа сојузна држава беше запрено во јуни откако сојузниот судија го прогласи тој метод за неуставен.
Во Оклахома за погубување со смртоносна инјекција е закажан 70-годишниот Карлос Куеста-Родригез, осуден за убиство на својата девојка Олимпија Фишер во Оклахома Сити во 2003 година. Според обвинителите, Куеста-Родригез ја застрелал откако таа решила да го напушти. Куеста-Родригез изјави дека се кае за убиството и не бараше помилување. Државниот Одбор за помилување и условен отпуск минатиот месец гласаше со три наспроти еден глас против препораката за помилување.
Првпат од 2010 година
Ако сите три погубувања бидат извршени, тоа ќе биде првпат од 7 јануари 2010 година три лица да бидат егзекутирани во ист ден во САД.
Тогаш погубувањата беа извршени во Луизијана, Охајо и Тексас.
Три погубувања беа закажани во ист ден и во 2018 година, но на крајот беше извршено само едно.







