Сериозен случај во приватна клиника во Солун предизвика реакции во грчката јавност, откако контролата на Националната управа за транспарентност утврдила дека во установата работело целосно опремено онколошко одделение без потребната законска дозвола.
Според објавените информации, во клиниката се спроведувале хемотерапии, иако онколошко одделение воопшто не било предвидено со важечката дозвола за работа.
Контролата утврдила и дека дел од пациентите биле примани со дијагнози кои не биле поврзани со малигни заболувања, а за време на престојот им биле администрирани одредени хемотерапевтски лекови. Надлежните испитуваат дали биле доставувани неточни податоци до грчкиот Национален здравствен осигурителен фонд – ЕОПИ, со цел да се добие надомест за хоспитализација.
Спорното одделение функционирало со еден лекар – пулмолог специјализиран за онкологија на белите дробови, кој од 2022 година препишувал хемотерапевтски лекови за свои пациенти. Според наодите, лекарот немал ниту писмен договор со клиниката.
При контролата биле констатирани и други недостатоци – недоволен број медицински сестри, недостиг на персонал од задолжителни специјалности и нефункционална единица за интензивна нега, иако клиниката била должна да располага со таков оддел.
Националната управа за транспарентност предложила трајно затворање на клиниката и одземање на дозволата за работа. Извештајот е доставен и до обвинителството за испитување евентуална кривична одговорност, како и до ЕОПИ.







