Семејна трагедија утрово ја потресе хрватската јавност, откако во семеен дом во Сукошан беа пронајдени две безживотни лица. Станува збор за татко на 46 години и неговиот 18-годишен син, кој бил лице со аутизам, соопшти Полициската управа во Задар.
Пријавата до полицијата пристигнала околу 8 часот наутро, по што на терен веднаш биле испратени сите надлежни служби. По влегувањето во куќата, полицајците ги затекнале телата на двајцата мажи, по што започнала истрага за утврдување на сите околности поврзани со настанот.
Од полицијата информираат дека, според досегашните сознанија, таткото претходно насилно го отворил плакарот во кој било чувано оружје во сопственост на друг член од семејството, кој поседувал законски дозволи. По настанот, тој си го одзел животот. Заменик-окружниот државен обвинител од Задар ќе издаде наредби за дополнителни доказни дејствија, како и за обдукција на починатите, со цел целосно да се расветлат фактите.
Веста длабоко ги потресе мештаните на Сукошан, кои велат дека станува збор за семејство кое било добро познато и почитувано во заедницата. Жителката Мирјана Кецман изјави дека ги познавала таткото и синот и дека никој не можел да претпостави ваков исход.
Таа нагласува дека таткото бил посветен на грижата за својот син, но смета дека товарот со кој се соочувал бил исклучително тежок. Според неа, семејството важело за мирно и функционално, што дополнително ја продлабочува болката и неверувањето кај сите кои ги познавале.
И соседите се во шок. Првиот сосед, Младен Расповиќ, изјави дека односите со семејството биле коректни и без никакви проблеми. Тој истакна дека е многу тешко да се зборува за ваква трагедија и изрази сочувство до семејството и блиските.
Дополнително, мештаните наведуваат дека вториот син од семејството, кој боледува од тешка болест, живее со својата мајка во Канада, што ја прави семејната приказна уште потрагична.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува официјалните институции да ги објават сите релевантни и потврдени информации откако ќе завршат предвидените постапки.
















