ПРВ.мк
Црна Хроника

Пукање пред училиште: Две лица ранети, министри најавија посета по инцидентот

Пукање пред училиште: Две лица ранети, министри најавија посета по инцидентот

Вооружен инцидент се случил во понеделникот наутро, 12 октомври, пред училиштето „Жозеф Лаканал“ во францускиот град Обањ, при што биле повредени директорот на училиштето и една наставничка.

Според информациите што ги пренесува францускиот весник „Фигаро“, полицијата набргу по нападот привела 14-годишен ученик, осомничен дека пукал кон вработените во училиштето.

Првичните полициски информации укажуваат дека малолетникот испукал четири или пет истрели, најверојатно од ловечка пушка со калибар 12.

Во инцидентот биле повредени директорот, кој е на возраст од околу 50 години, и 37-годишна наставничка.

На двајцата им била укажана медицинска помош и, според првичните информации, се надвор од животна опасност.

Веднаш по пријавувањето на пукањето, на местото пристигнале полициски и противпожарно-спасувачки екипи.

Надлежната полициска префектура во департманот Буш-ди-Рон го потврдила приведувањето на осомничениот ученик.

Поради сериозноста на инцидентот, најавена е и посета на високи претставници на француската влада, меѓу кои министрите за внатрешни работи и образование, како и министерката задолжена за стручно образование и обука.

Мотивот за нападот засега не е соопштен, а надлежните органи ги утврдуваат околностите под кои се случило пукањето.

Според дополнителните информации од француските медиуми, нападот се случил во самото училиште, а не пред него. Ученикот наводно ја сокрил пушката во футрола за гитара, пред да отвори оган. Бил совладан од вработен во училиштето, а ниту еден ученик не бил физички повреден.