Триесет и деветгодишен скопјанец бил приведен во близина на селото Богородица, во гевгелискиот регион, откако полицијата во неговиот автомобил пронашла седум мигранти.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Б.К. (39) од Скопје бил лишен од слобода на 11 октомври, околу 16:50 часот.
При контрола на патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал осомничениот, полициските службеници откриле петмина државјани на Авганистан и двајца државјани на Египет.
Неколку часа подоцна, околу 18:30 часот, полицијата пронашла уште двајца египетски државјани.
Според полициските информации, тие биле дел од истата група мигранти, но не влегле во автомобилот на местото познато како Краварски пат.
Во продолжение на акцијата, на 12 октомври, пет минути по полноќ, бил приведен и 17-годишен државјанин на Египет, кој имал привремен престој во Грција.
Малолетникот е осомничен за поврзаност со криумчарењето мигранти.
Пронајдените мигранти биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека двајцата осомничени биле задржани во полициска станица.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
По завршувањето на постапката, против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.








