ПРВ.мк
Црна Хроника

Потресна судбина на две сестри: Биле однесени од дома со вреќи на главите, едната сега чека смртна казна

Потресна судбина на две сестри: Биле однесени од дома со вреќи на главите, едната сега чека смртна казна

Две сестри близначки од Иран, кои имале само 19 години кога биле однесени од својот дом среде ноќ, се соочуваат со тешки казни поради нивното наводно учество во антивладините протести во земјата. Според информациите што ги објави „Гардијан“, Таранех Рахими е осудена на смрт, додека нејзината сестра Ромина добила затворска казна од 25 години.

Таранех и Ромина биле средношколки кога маскирани мажи упаднале во нивниот дом и ги однеле. Според семејството, подоцна било утврдено дека станувало збор за припадници испратени од Иранската револуционерна гарда.

Следувале четири месеци во кои нивната мајка Марзиех Нурмохамади немала информации каде се наоѓаат нејзините ќерки. Ги барала низ болници, судови и државни институции, сè додека не добила известување дека се наоѓаат во затвор.

Кога во мај конечно добила можност да ги посети во затворот Довлатабад во Исфахан, според сведоштвото на семејството, едвај ги препознала.

Нивниот роднина Масуд Нурмохамади, кој живее во САД, тврди дека сестрите имале модринки и сериозни повреди, како и делови од главата без коса. Тој наведува дека имале повреди на лактите, зглобовите и стапалата и дека извесен период биле држени во самица.

Семејството тврди и дека Таранех била принудувана да потпише признание под закани дека нејзината сестра ќе биде сексуално нападната. Нејзините адвокати, според објавените информации, навеле дека таа пред судот рекла оти признанијата биле изнудени со тортура.

Едната осудена на смрт, другата на 25 години

Според информации од ирански судски извори, Таранех била осудена на смрт поради учество во јануарските протести, додека Ромина добила 25 години затвор.

Засега не е јасно зошто казните за двете сестри толку многу се разликуваат. Семејството наведува дека по изрекувањето на пресудите повеќе не успеало да ги види.

Нивниот роднина стравува дека смртната казна би можела да биде извршена пред да бидат исцрпени сите правни можности за жалба.

Според него, двете сестри се приклучиле на протестите во Исфахан на 8 и 9 јануари. Околу еден месец подоцна биле однесени од семејниот дом со вреќи преку главите, без на семејството да му биде дадено објаснување каде ги носат.

Семејството бара одговори

Мајката на девојките, која сама ги одгледала, според семејството не добила дозвола да присуствува на нивното судење. Се тврди и дека пред судот не биле презентирани докази дека сестрите учествувале во насилство за време на протестите.

Случајот се појавува во период на остри меѓународни критики поради примената на смртната казна во Иран. Според податоците наведени во извештајот, годинава во земјата биле погубени повеќе од 500 лица, меѓу кои и лица поврзани со антивладините протести.

Семејството сега се обидува случајот на Таранех и Ромина да добие што поголемо меѓународно внимание, додека нивниот роднина во САД тврди дека добива и смртни закани поради јавното говорење за нивната судбина.