ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА УБИЕЦОТ ОД КОИ СЕ ЛАДИ КРВТА: Ја уби сопругата, па пред егзекуцијата рече само едно!

ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА УБИЕЦОТ ОД КОИ СЕ ЛАДИ КРВТА: Ја уби сопругата, па пред егзекуцијата рече само едно!

Вилијам Френсис Силвија (61), осуден на смртна казна за убиство на својата разделена сопруга, беше погубен со смртоносна инјекција во американската сојузна држава Флорида. Непосредно пред да се изврши казната, тој ги изговори последните зборови во кои тврдеше дека смртта на неговата сопруга не била намерна.

Силвија беше погубен на 18 август во државниот затвор во Флорида. Завесата во просторијата за извршување на смртната казна беше крената во 18 часот, додека тој веќе беше врзан за креветот и му беше поставена инфузија. Откако му беа инјектирани лековите, смртта беше прогласена во 18:11 часот по локално време.

На прашањето дали сака да каже нешто пред егзекуцијата, Силвија порача дека му е жал за сè што се случило, тврдејќи дека станувало збор за несреќа и дека никогаш не сакал да ѝ наштети на сопругата. Неколку минути по почетокот на инјектирањето на лековите, управникот на затворот го протресе и го повикуваше, но немаше реакција.

Како што пишува „Индепендент“, чиј текст го пренесува „AOL“, Силвија беше осуден за убиството на Патриша Силвија во 2006 година, како и за обид за убиство на нејзината мајка Бети Вудард. Неговото погубување беше 13-то извршување на смртна казна во Флорида од почетокот на 2026 година.

Дошол на семејниот собир со сачмарка

Според судските документи, Патриша и Вилијам Силвија биле во брак од 2002 година, но се разделиле во јули 2006 година. Патриша со двете малолетни деца од претходниот брак се преселила кај нејзината мајка и очум во Винтер Парк. Вилијам во меѓувреме повеќепати ненајавено доаѓал кај куќата обидувајќи се да разговара со неа.

На денот на убиството, 22 септември 2006 година, Силвија останал без работа, а истото попладне купил сачмарка од калибар 12 и муниција. Неколку часа подоцна заминал до куќата каде престојувала неговата сопруга. Семејството во тој момент било собрано на скара.

Силвија се обидел да разговара со сопругата и да ја наговори да се помират. Кога разговорот завршил и Патриша тргнала назад кон куќата, нејзината ќерка, според судските списи, го слушнала Силвија како ѝ вели дека „ќе зажали“. Тој потоа се вратил до своето возило, ја земал сачмарката и почнал да пука.

Бети Вудард била погодена во лицето, додека Патриша била погодена во главата и починала на самото место. Нејзината мајка со тешки повреди била пренесена во болница и преживеала. Силвија по нападот побегнал, но подоцна бил уапсен на паркинг пред мотел во кој изнајмил соба.

За време на транспортот во полициската станица признал дека пукал во сопругата. Форензичарите потоа утврдиле дека чаурите пронајдени на местото на злосторството биле испукани од сачмарката пронајдена во неговата мотелска соба.

Поротата гласаше 11 спрема еден за смртна казна

Силвија беше прогласен за виновен за убиство од прв степен и обид за убиство од прв степен. Поротата со гласови 11 спрема еден препорача смртна казна за убиството на Патриша, а судијата ја прифати таа препорака. За обидот за убиство на Бети Вудард доби доживотна казна затвор.

Неговата смртна казна подоцна беше предмет на дополнителни судски постапки по промените во начинот на кој Флорида ја изрекува најстрогата казна. Понискиот суд во свое време му одобри нова фаза од постапката за казната, но Врховниот суд на Флорида во 2018 година ја поништи таа одлука и ја врати на сила смртната пресуда, оценувајќи дека Силвија претходно валидно се откажал од одредени права на постосудски постапки.

Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, го потпиша налогот за погубување на Силвија на 17 јули 2026 година, а извршувањето на казната беше закажано за 18 август во 18 часот.

Флорида предњачи по бројот на погубувања

Силвија стана 13-тиот затвореник погубен во Флорида во текот на 2026 година. Во моментот на неговото погубување, во САД од почетокот на годината се извршени 23 смртни казни, што значи дека само Флорида била одговорна за повеќе од половината од сите егзекуции во земјата.

Флорида за септември веќе закажа нови погубувања. Харолд Џин Лукас треба да биде погубен на 1 септември, додека извршувањето на смртната казна над Даниел Овен Конахан Помладиот е закажано за 10 септември.

Државата користи протокол за смртоносна инјекција кој се состои од три лека – седатив, средство кое предизвикува парализа и супстанција која го запира работењето на срцето.