Италијанскиот турист Омар Фаранг Зин (48) трагично го загуби животот во Романија откако беше нападнат од мечка, откако, според сè, се обидел да ја фотографира од блиску, не свесен за опасноста што го демнела во дивината.
Несреќата се случила на живописниот, но опасен планински пат Трансфагарашан, во близина на браната Видрару, каде Зин патувал со мотор. Само еден ден пред трагедијата, тој објавил селфи и видеа со мечки на својот Facebook профил – последни спомени од неговото патување кои денес добиваат морничава симболика.
Според анализите на фотографиите од неговиот мобилен телефон, Омар слегол од моторот и се доближил до мечка мајка со три младенчиња, сакајќи да ги слика. Ова, според експертите, е исклучително опасна и провокативна постапка, особено кога станува збор за животинка што ги брани своите малечки.
Мечката прво го нападнала и тешко го повредила, а потоа го влечела 60 метри надолу по карпестата падина. И покрај брзата реакција на жандармеријата и планинската спасувачка служба, за Зин веќе било предоцна. Телото било пронајдено со повеќе каснувања, траги од крв и лична опрема се наоѓале на самото место.
Локалните власти формирале специјална комисија која ја идентификувала мечката како закана, и таа подоцна била убиена. Мечката најверојатно ќе биде подложена на анализи за дополнително расветлување на случајот.
Инаку, ова не е прв ваков инцидент во регионот – веќе се регистрирани два напади од мечки крај мај, врз туристи од Полска и Шпанија.
Овој трагичен случај уште еднаш предупредува: никогаш не се доближувајте до диви животни, без разлика колку фотогенично изгледаат.
