Најмалку осум лица загинаа во силните дождови и поплави што ја погодија источна Јапонија, додека десетици илјади жители се соочуваат со опасност од нови поплави и свлечишта.
Според јапонските медиуми, властите издале највисоко, петто ниво на предупредување за вонредна состојба. Тревогата подоцна била намалена, но ризикот и понатаму останува висок.
На повеќе од 100.000 домаќинства им било наредено да се евакуираат, а невремето предизвикало прекини во електричната мрежа, затворање автопати и суспендирање на повеќе железнички линии.
Меѓу жртвите, според НХК, Кјодо и „Асахи“, има и жена која се удавила во автомобил на поплавен пат.
Особено погодена е префектурата Чиба, каде на одредени места биле измерени околу 100 милиметри дожд за само еден час.
Проблеми имало и на меѓународниот аеродром Нарита, каде илјадници патници биле привремено блокирани поради нарушениот сообраќај. Надлежните очекуваат постепено нормализирање на летовите, иако се можни доцнења.
Јапонските власти продолжуваат да ја следат состојбата и предупредуваат дека опасноста од нови поплави и лизгање на земјиштето сè уште не е целосно помината.






