Три пожари биле регистрирани во Велес и околината во текот на вчерашниот ден и ноќта, информираат од Територијалната противпожарна единица Велес.
Најдоцна, околу 22:30 часот, била примена дојава за пожар во шума на ридот меѓу селата Сопот и С’лп. Огнот бил ставен под контрола, но еден крак и понатаму гори поради тешко пристапниот терен.
Претходно, околу 17 часот, пожар избувнал кај железничката станица во Богомила. Сувата трева се запалила, а огнот зафатил и складирани железнички прагови и бандери покрај пругата.
Во гасењето учествувале пожарникари, жители на Богомила, вработени од Општина Чашка, ЈПКД „Тополка“ и доброволци од здружението „Бабуна“. Пожарот бил локализиран пред да се прошири кон околните објекти.
И покрај пожарот, железничкиот сообраќај на релацијата Скопје – Велес – Богомила – Битола продолжил да се одвива.
Уште еден пожар бил пријавен околу 10:15 часот меѓу Бузалково и Сливник, каде изгореле околу два хектари сува трева и грмушки. Со помош на локални жители и механизација, огнот бил целосно изгаснат.
Од ТППЕ Велес апелираат граѓаните да бидат внимателни и секој забележан пожар веднаш да го пријават на 193 или 112.






