ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО ИНЦИДЕНТОТ СО НОЖИЦИ НА ГАК: Дводневното бебе оперирано, таткото бара правда, а не пари

ПО ИНЦИДЕНТОТ СО НОЖИЦИ НА ГАК: Дводневното бебе оперирано, таткото бара правда, а не пари

Нови детали се објавени за сериозниот инцидент на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, каде што новороденче старо само два дена се здобило со повреда на прстот при отстранување на инфузија.

Бебето било итно оперирано на Клиниката за детска хирургија, а според информациите на лекарите, прстот ќе остане функционален, но ќе биде пократок за околу еден сантиметар.

Таткото на девојчето, во изјава за телевизија Сител, раскажал дека пристигнал во болницата за да ги земе сопругата и новородената ќерка.

Иако документите за отпуст биле подготвени, семејството чекало околу час и половина без објаснување.

Според неговото сведоштво, при обид да се отстрани инфузијата, која била прицврстена со леплива лента, биле употребени ножици, при што дошло до повредување на прстот на новороденчето.

Поради крварењето, лекарите одлучиле дека е неопходна итна хируршка интервенција.

Таткото нагласил дека не бара финансиско обесштетување, туку правда и одговорност, со цел вакви случаи повеќе да не се повторуваат.

Тој најавил дека ќе побара и правна заштита.

Од Клиниката за детска хирургија потврдиле дека раната била хируршки обработена, дека бебето примило соодветна терапија и дека веќе е пуштено на домашно лекување.

Од ГАК информираат дека случајот е евидентиран како несакан настан и дека веќе бил разгледан од Комисијата за квалитет.

Дополнително, закажана е седница на Дисциплинската комисија, на која треба да се утврдат околностите и евентуалната индивидуална одговорност на медицинскиот персонал.

Од Клиниката нагласуваат дека доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи.