ПРВ.мк
Црна Хроника

Загина 33-годишен Македонец додека работел на железничка пруга

Загина 33-годишен Македонец додека работел на железничка пруга

Триесет и тригодишен државјанин на Северна Македонија трагично го загубил животот во тешка несреќа при работа на железничка пруга во Хрватска, во близина на Загреб.

Несреќата се случила во неделата, околу 8:45 часот, на железничкиот надвозник Сава – Јакушевец, во местото Мичевец, кај Велика Горица.

Според информациите на хрватската полиција, починатиот бил вработен во компанија што изведувала работи на железничката инфраструктура и имал регулиран престој во Република Хрватска.

Во моментот на несреќата, по пругата поминувало товарно моторно железничко возило наменето за одржување на инфраструктурата, управувано од 59-годишен машиновозач.

Од засега неутврдени причини, 33-годишниот Македонец паднал на пругата и се здобил со смртоносни повреди.

За жал, работникот починал на самото место.

По трагедијата бил извршен увид под раководство на заменичка на Општинското државно обвинителство во Нов Загреб, со стручна помош од полициски службеници на загрепската полиција.

Во увидот учествувале и инспектор за заштита при работа, како и претставник на Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај.

Телото на починатиот македонски државјанин било пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб.

Надлежните институции ги утврдуваат околностите под кои дошло до трагичната несреќа.