Најмалку 16 лица загинаа, а десетици се повредени во силна експлозија што денеска се случила на железничка пруга во Квета, во близина на областа Чаман Фатак.
Според пакистанските медиуми, експлозијата се случила во момент кога патнички воз минувал низ подрачјето. Дел од локалните извори тврдат дека бројот на жртви можеби е поголем и дека загинале 23 лица, додека 86 се повредени, но овие информации сè уште не се официјално потврдени.
Според првичните информации, многу од патниците патувале кон своите родни места за да го прослават Бајрам.
Меѓу повредените има жени и деца, а во експлозијата биле оштетени и повеќе возила паркирани во близина на железничката пруга.
Безбедносните сили веднаш излегле на терен, го блокирале подрачјето и започнале истрага за причините и околностите под кои дошло до експлозијата.








