Дваесетгодишната Наталија Гадеља, копилотка на приватниот авион „Лирџет 60“, е меѓу деветте лица кои загинаа во тешка авионска несреќа во американската сојузна држава Флорида.
Само десет минути пред падот, младата пилотка му испратила порака на своето момче Џастин, во која го предупредила за проблемите со кои се соочувал авионот.
„Имам турбуленции, имам мраз“, напишала Наталија, според сведочењето на нејзиниот очув Тијаго Кортелети за „Њујорк пост“.
Последните моменти пред падот
Авионот полетал од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром во Тексас и се движел кон Бахамите, кога на височина од околу 10.700 метри започнале сериозни проблеми.
Според објавените снимки од комуникацијата со контролата на летање, екипажот пријавил насобирање мраз и силни турбуленции.
Ситуацијата нагло се влошила кога авионот започнал неконтролирано да губи височина.
„Мејдеј, мејдеј! Губиме 10.000 стапки височина во минута!“, се слуша во комуникацијата.
Непосредно пред трагедијата, пилотот предупредил: „Ќе се урнеме на земја“.
Леталото паднало во станбена населба во Гринакрес, во округот Палм Бич, по што експлодирало. Според првичните информации, сите девет лица во авионот загинале.
Наталија сонувала да управува со големи патнички авиони
Наталија уште од детството покажувала голема љубов кон летањето. Пилотска дозвола добила на само 17 години, пред воопшто да положи возачки испит.
Според нејзиното семејство, иако имала само 20 години, веќе имала околу 1.300 часа летачко искуство.
Нејзината најголема желба била еден ден да управува со големи комерцијални патнички авиони.
Евакуирани околу 600 жители
По падот, американските власти започнале евакуација на приближно 600 жители од околните населби.
Очевидци раскажале дека делови од авионот биле расфрлани насекаде, а неколку објекти биле погодени од остатоците на леталото.
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, ја опишал несреќата како катастрофална.
Причината за падот засега не е утврдена. Американската Федерална управа за воздухопловство (FAA) и Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB) спроведуваат истрага.
Видео:










