ПРВ.мк
Црна Хроника

Откриени детали за сообраќајката со еден загинат: Еве за што точно се гони Ива Михајлова од Кочани

Откриени детали за сообраќајката со еден загинат: Еве за што точно се гони Ива Михајлова од Кочани

Нови детали од судскиот предмет против Ива Михајлова од Кочани откриваат што точно ѝ се става на товар за тешката сообраќајна несреќа во која загина Бесим Дурмиши од скопски Љуботен, а уште три лица беа повредени.

Несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, околу 9:17 часот, на експресниот пат А3 Делчево – Штип, на делницата Кочани – Три Чешми.

Според обвинителниот предлог, Михајлова управувала со автомобил „фолксваген поло“ со бугарски регистарски таблички, движејќи се со брзина од 86 километри на час.

Обвинителството тврди дека таа навлегла во спротивната коловозна лента, по што дошло до директен судир со „рено меган сценик“.

Во несреќата животот го загубил Бесим Дурмиши, додека возачот на „реното“ се здобил со тешки телесни повреди, а уште двајца сопатници биле повредени.

Сообраќајниот вештак, професор д-р Зоран Јошевски, пред судот изјавил дека според неговата анализа, „полото“ навлегло околу 90 сантиметри во спротивната лента.

Неговиот заклучок се темели на трагите од судирот, оштетувањата на возилата и полициската фотодокументација.

Сепак, во текот на судењето се отворил спор околу дозволената брзина на местото на несреќата.

Иако во обвинението е наведено ограничување од 60 километри на час, вештакот посочил дека од технички аспект ограничувањето на критичниот дел би требало да се разгледува како 90 километри на час.

Одбраната доставила сопствени вештачења, кои се разликуваат од анализата на Јошевски во однос на местото на судирот.

Во меѓувреме, случајот доби дополнително внимание откако Михајлова се појави во Бугарија, иако, според Обвинителството, имала забрана за напуштање на Кочани и преминување на државната граница.

Македонското МВР соопштило дека нема евидентиран нејзин излез од државата, додека бугарските власти не регистрирале легален влез во Бугарија.

Нејзиниот адвокат, пак, тврди дека границата била премината преку официјален граничен премин.

Обвинителството ја гони Михајлова за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Судската постапка сè уште трае, а конечната одлука за нејзината кривична одговорност треба да ја донесе судот.