Несекојдневен случај на сексуално вознемирување е регистриран во германскиот град Келн, каде што 16-годишна девојка била вознемирувана од робот додека стоела пред ресторан за брза храна.
Според соопштението на германската полиција, роботот ѝ пришол на девојката одзади, ја допрел по задникот и изведувал движења што симулираат сексуален однос.
Инцидентот се случил во саботата навечер, кога малолетничката била во друштво на двајца пријатели.
Станува збор за робот со црвена и златна боја, висок приближно 1,2 метра, кој се приближил до девојката додека таа стоела пред угостителскиот објект.
Според информациите што ги пренесува германската агенција ДПА, постои сомневање дека 16-годишниот сопственик на роботот и неговиот 19-годишен придружник го снимале целиот настан.
Наводно, тие го пренесувале инцидентот во живо на социјалните мрежи и го коментирале однесувањето на роботот.
Полицијата реагирала набргу по пријавата и ги привела двајцата осомничени во близина на местото на настанот.
При претрес на автомобилот, полициските службеници го пронашле роботот во багажникот, каде што претходно бил сместен од неговиот малолетен сопственик.
Покрај роботот, биле одземени и мобилните телефони на осомничените, кои ќе бидат предмет на понатамошна проверка.
Германските истражни органи сега утврдуваат дали движењата на роботот биле намерно контролирани од лицата што го управувале.
Клучното прашање во истрагата е дали станува збор за свесно управувано сексуално вознемирување со помош на робот, а не за самостојно однесување на машината.








