Македонската медиумска сцена загуби уште еден истакнат професионалец. На 12 октомври, во Скопје, на 81-годишна возраст почина Стојче Јакимовски, долгогодишен радио и телевизиски спикер, чиј препознатлив глас остави длабока трага кај многу генерации слушатели и гледачи.
Јакимовски беше дел од златната генерација спикери на Македонското радио, каде што работеше заедно со истакнати професионалци, меѓу кои и легендарниот Симон Беличанец.
Со својата беспрекорна дикција, топол глас и препознатлив начин на говорење, Јакимовски стана еден од симболите на радиоспикерството во Македонија.
Особено беше познат по својот ангажман во радио и телевизиските реклами, кои во текот на деведесеттите години и почетокот на новиот милениум беа неизоставен дел од медиумскиот простор.
Неговиот глас стоеше зад бројни популарни рекламни пораки, меѓу кои и добро познатите реклами за „Круна – релаксација и задоволство“ и „Дабар пиво“.
Токму преку овие реклами, неговиот глас остана препознатлив и за луѓето кои можеби не го знаеја неговото име.
Покрај професионалниот придонес во рекламирањето, Јакимовски беше дел од генерацијата што поставуваше високи стандарди во правилниот изговор, културата на говорот и професионалното читање пред микрофон.
Со неговото заминување, Македонија губи уште еден доајен на радиото и телевизијата, а неговиот глас и професионално наследство ќе останат дел од историјата на македонските медиуми.








