ПРВ.мк
Свет

Одлична вест за Македонците во Германија: Од 1 јануари растат платите, еве колку ќе изнесува минималната заработка

Одлична вест за Македонците во Германија: Од 1 јануари растат платите, еве колку ќе изнесува минималната заработка

Добри вести за голем број работници во Германија, меѓу кои и македонските граѓани кои живеат и работат во оваа земја. Од 1 јануари 2027 година стапува во сила ново зголемување на законската минимална плата.

Минималната саатница ќе изнесува 14,60 евра бруто, наместо сегашните 13,90 евра, согласно одлуката на германската Сојузна влада.

За работниците со стандардна работна недела од 40 часа, тоа значи дека месечната бруто-заработка ќе достигне приближно 2.530 евра, во зависност од бројот на одработени часови.

Во 2026 година, со минимална саатница од 13,90 евра, месечната бруто-заработка изнесува приближно 2.410 евра.

Вкупното зголемување на минималната плата во двата чекора, во 2026 и 2027 година, изнесува 13,88 проценти.

Одлуката произлегува од препораката на независната германска Комисија за минимална плата, која ги анализира трошоците за живот, движењето на заработките, состојбата на пазарот на труд и интересите на работниците и работодавачите.

Дополнително, од 1 јануари 2027 година ќе се зголеми и лимитот за таканаречените „мини-работи“ (Minijob), од 603 на 633 евра месечно.

Оваа промена ќе им овозможи на лицата со ваков работен ангажман да заработуваат повеќе без да ја надминат законската граница за оваа категорија вработување.

Зголемувањето на минималната плата ќе опфати милиони вработени во Германија, особено оние во секторите со пониски примања, работниците со скратено работно време и лицата со дополнителни работни ангажмани.

Важно е да се нагласи дека износите се бруто, односно пред одбивањето на даноците и социјалните придонеси. Конечната нето-плата ќе зависи од индивидуалните околности на работникот.

Новите правила ќе важат и за македонските државјани кои се легално вработени во Германија и имаат право на законската минимална плата.