ПРВ.мк
Црна Хроника

Обвинителството: Нема можност за ресоцијализација – доживотен затвор за Бојковски

Обвинителството: Нема можност за ресоцијализација – доживотен затвор за Бојковски

Основниот суд во Куманово му изрече доживотна затворска казна на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, кој е прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.

Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска.

Според утврденото во судската постапка, кривичните дела биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година.

Жртвите претежно биле повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.

Првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, додека второто се случило во периодот од 5 до 7 јуни истата година во селото Драгоманце.

Јавниот обвинител Љубомир Лапе во завршните зборови побарал најстрога казна, оценувајќи дека кај обвинетиот постои висок степен на опасност од повторување на кривични дела.

Според обвинителот, последиците од делата се ненадоместливи, а доживотната казна е соодветна на тежината на стореното.

На кривичниот прогон се приклучиле и застапниците на семејствата на оштетените, кои побарале и надомест на штета.

Одбраната на Бојковски во текот на постапката оспорувала едно од убиствата, како и мотивите за двата случаи на обид за убиство.

Обвинетиот признал три убиства и изјавил дека се кае.

Неговата одбрана побарала судот при одлучувањето за казната да ги земе предвид признанието и каењето како олеснителни околности.

Судот, сепак, по оценка на доказите и тежината на делата, донесе одлука Бојковски да биде осуден на доживотен затвор.