По доживотната затворска казна изречена за Трајче Бојковски за четири убиства и два обиди за убиство, Обвинителството продолжува со проверка на постапувањето на двајца доктори-мртвопроверители од Куманово.
Бојковски беше прогласен за виновен за серија тешки кривични дела извршени врз жени во регионот на Старо Нагоричане во периодот од почетокот на 2025 до февруари 2026 година.
Според пресудата, тој ги напаѓал жртвите, а дел од нив биле и сексуално нападнати.
По изрекувањето на пресудата, Бојковски под полициско обезбедување бил вратен во притвор. Тој има право на жалба во законски предвидениот рок.
Паралелно со судската постапка, надлежното обвинителство прибира информации за можни пропусти во работата на двајца лекари кои биле ангажирани како мртвопроверители.
Според досегашните информации, кај дел од жртвите првично не било утврдено дека станува збор за насилна смрт.
Поради тоа телата биле погребани без да биде извршена обдукција и без случаите да бидат пријавени кај дежурен јавен обвинител.
Токму овие околности сега се предмет на посебна проверка.
Обвинителството треба да утврди дали при прегледите биле направени професионални или други пропусти и дали постои основа за евентуална кривична одговорност.
Истрагата за постапувањето на мртвопроверителите продолжува, а засега нема конечна одлука дали против нив ќе биде покрената кривична постапка.







