Во заедничка акција на ЈП „Македонски шуми“, Шумската полиција, Граничната полиција и СВР Куманово, одземени се големи количини огревно дрво, а неколку косовски државјани се приведени. Исто така, запленето е и едно комбе со фалсификувана документација.
Веста ја сподели заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, кој истакна дека против повеќе познати и непознати сторители се поднесени кривични пријави.
„Во текот на изминативе денови, во координирана акција во кумановско-липковскиот регион, сузбивме добро организирана група дрвокрадци која подолг период делувала во близина на границата со Косово. Одземена е поголема количина на различни дрвни сортименти, пред се огревно дрво од Злокуќани, Руница, Матејче и Буково, а во Матејче е запленето и ТМВ комбе со фалсификувана документација“, соопшти Михаилов.
На лице место во Буково се приведени тројца косовски државјани кои веднаш беа изведени пред судија за да започне истражна постапка. Според проценките, материјалната штета од одземеното дрво е над 300.000 денари, додека оваа група во минатиот период предизвикала милионска штета.
Михаилов додаде дека во наредните денови ќе се испитува дали дел од шумочуварската служба имала тесна врска со организираната група.
















