На денешен ден, 8 август 2001, Македонија ја преживеа една од најтрагичните епизоди од вооружениот конфликт, кој засекогаш го врежа Карпалак како симбол на болка, тага и незаборав.
Точно пред 24 години, кај месноста Карпалак, терористичка заседа од засилено вооружени напаѓачи го пресретна македонскиот воен конвој што се движел од Прилеп кон Тетово, со цел извршување на ротација и достава на опрема за војниците во тетовскиот регион. Конвојот се состоел од тенкови, хермелини, камиони, автобуси и транспортери, меѓу кои и два автобуси полни со резервисти.
Во 9:30 часот, нападот започнал со тешки митралези, зољи, тромблони и рачни ракетни фрлачи, директно насочени кон камионите и автобусите. Еден камион бил погоден и целосно изгорен, а заедно со него животите ги загубија десет македонски бранители – осум војници и двајца офицери од резервниот состав. Уште тројца беа ранети, а судбината на останатите 108 војници зависеше од брзата реакција на останатите единици, кои се бореа со часови за извлекување од заседата.
Еден од автобусите бил исто така погоден со проектил, но благодарение на храброста на возачот кој успеал да се повлече од местото на нападот, спречена е уште поголема трагедија. Во нападот биле погодени и цивилни возила, а засегнатата зона била претворена во вистинско бојно поле.
Конвојот носел логистичка и борбена поддршка за војниците стационирани во Тетовско, и во неговиот состав имало 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони и две хаубици, но засадата била поставена на најтесниот и најнезгодниот дел од клисурата Карпалак, што ја направило одбраната исклучително тешка.
Овој масакр, познат како нападот кај Карпалак, останува најтешкиот ден од воениот конфликт во 2001 година, симбол на жртвата на резервистите, кои без двоумење одговорија на повикот на татковината.
Секоја година, 8 август е ден за сеќавање и поклон пред хероите кои ги положија животите за Македонија. Карпалак не е само географска локација – тоа е жива рана, сведоштво за ужасите на војната и тишината што останува по неа.