ПРВ.мк
Македонија

Македонската рок сцена остана без својот незаборавен глас – трагичен крај на една ера

Македонската рок сцена остана без својот незаборавен глас – трагичен крај на една ера
Escape

Утрово се прошири тажната вест за заминувањето на Петар Исиров Пјотр, познат како Перо Кокер, македонски рок музичар и пејач кој остави неизбришлив печат на музичката сцена. Прекарот „Перо Кокер“ го добил поради својот идол, славниот Џо Кокер, чија музика постојано ја изведувал на своите настапи.

Пјотр беше активен повеќе од три децении, свирејќи по ноќните клубови и кафулиња со различни музичари, а имаше издадено неколку авторски песни кои ја одразуваа неговата страст и талент.

Минатата година, во рамките на прославата на 5-годишнината од „Котон блуз фестивал“ во клубот „Маракана“ во Скопје, тој и својот деветчлен бенд од искусни музичари одржаа незаборавен концерт посветен на Џо Кокер, кој многумина го опишаа како вистинска музичка магија.

Утринава македонските музичари и јавноста се простија од својот колега и пријател преку емотивни пораки на социјалните мрежи.

Петар Ренџов го опиша Пјотр како „бунтовник, хипик, рокер, Кокер, Џокер, ноќна птица“ кој живееше за музиката и своите другари, пожелувајќи му мирен одмор и светол пат кон небото.

Од него се простија и многу други музички ѕвезди како Елена Петреска, Биба Додева и Вера Јанковиќ, кои споделија топли спомени и чувства.

Близок пријател, музичарот и магионичар Георги Гавровски, познат како Гого Реквием, се наврати на долгогодишното пријателство и честите настапи со Пјотр, велејќи: „Беше голема чест да те имам за пријател и колега. Секогаш позитивен и насмеан. Нека ти е лесна скопската земја, легендо. Почивај во мир, Перо Кокер… Срце ми се кине.“

Петар Исиров ќе остане запаметен како силен и уникатен глас во македонската рок музика, кој остави трага во срцата на многумина.

Mia Home Mavrovo