Вчера попладне, 75-годишна жена од Северна Македонија била извлечена од морето на плажата Созополи, во општина Неа Пропонтида, во близина на првиот крак на Халкидики, без знаци на живот. Итната медицинска помош веднаш интервенирала на лице место и ја пренела во болница, но лекарите ја констатирале нејзината смрт, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Крајбрежната управа на Неа Муданија информирала дека жената, како странска државјанка, била извадена од морето без знаци на живот. Првите медицински интервенции биле направени на самата плажа, а потоа жртвата била пренесена во здравствениот центар во Неа Муданија, каде што била потврдена смртта.
Во рамките на прелиминарната истрага, е наредена обдукција која ќе се изврши во Институтот за судска медицина во Солун.
Според информациите на МИА, ова е четврти случај на давење на македонски државјанин на грчките плажи во тековната сезона.