Вознемиреност се прошири во атинската населба Кипсели, откако во напуштена зграда беше пронајден куфер во кој се наоѓало тело на жена во напредна фаза на распаѓање.
Случајот бил пријавен попладнето на 18 јули, кога бездомник забележал сомнителен куфер во објект на улицата Евелпидон и веднаш ги известил надлежните служби.
По пристигнувањето на местото, припадниците на грчката полиција утврдиле дека во куферот се наоѓа човечко тело. Според првичните информации, станува збор за жена која во моментот на пронаоѓањето била облечена во шорц.
Полициските екипи го обезбедиле местото на настанот, додека форензичарите започнале со собирање докази. Ќе биде извршена обдукција, која треба да помогне во утврдувањето на идентитетот на жената, времето и причината за смртта.
Жители на населбата изјавиле дека напуштената зграда до пред околу две години често ја користеле бездомници како засолниште. По пожар што избувнал во објектот, зградата била запечатена.
Еден од локалните жители навел дека во последните недели забележувал бездомник во близина на зградата, но дека не го видел во изминатите неколку дена.
Истрагата ја води Управата за борба против организиран криминал, а надлежните институции работат на утврдување на сите околности поврзани со смртта на жената.








