Фудбалската јавност е во шок по веста за смртта на познатиот холандски судија Роб Диперинк, кој почина на 38-годишна возраст, само неколку недели откако беше отстранет од листата на судии на ФИФА за овогодинешното Светско првенство.
Холандската фудбалска асоцијација (KNVB) во понеделник ја потврди трагичната вест, изразувајќи длабоко сочувство и нагласувајќи дека фудбалот загубил исклучително ценет судија и професионалец со богато меѓународно искуство.
Според холандскиот весник „AD“, полицијата започнала истрага откако било пронајдено тело на улицата каде што живеел Диперинк. Засега надлежните не ја соопштуваат причината за смртта, а истрагата за утврдување на сите околности сè уште е во тек.
Во своето соопштение, KNVB истакна дека судиската организација останала без еден од своите најпочитувани членови, додавајќи дека Диперинк, покрај тоа што бил врвен судија, бил и исклучително посветен колега кој уживал голема почит меѓу своите соработници.
Иако првично беше избран од ФИФА да биде дел од судискиот тим на овогодинешното Светско првенство, Диперинк подоцна беше отстранет од конечниот список на судии.
Одлуката следеше по неговото апсење во Обединетото Кралство, каде што престојувал поради ангажман на натпревар од Конференциската лига меѓу Кристал Палас и Фиорентина. Тој беше приведен поради сомнение за сексуален напад.
Сепак, Диперинк категорично ги негираше сите обвинувања. По спроведената истрага, британската полиција соопшти дека случајот е затворен без да бидат покренати обвиненија против него.
Во моментов причината за смртта на Роб Диперинк не е официјално соопштена, а истражните органи продолжуваат да работат на целосно расветлување на случајот.








