Попладнево околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес се случила тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубил еден маж, а тешко повредено е 18-годишно момче. Според информациите, до трагедијата дошло по директен судир на две патнички возила, а увид на местото направила екипа на СВР Штип.
На терен веднаш излегле екипи од Итната помош на Здравствениот дом Велес и Противпожарната единица. Лекарската екипа пристигнала за десетина минути и констатирала смрт кај повозрасен маж кој починал на самото место од силниот удар.
Доктор Елена Најдовска изјави дека 18-годишното момче од Струмица, кое се наоѓало во другото возило, имало сериозни повреди на карлицата, десното колено и главата, но било свесно и контактибилно. По укажаната прва помош, младото момче било пренесено во Ургентниот центар во Велес.
Автомотосојузот на Македонија соопшти дека сообраќајот на експресниот пат Штип – Велес бил во целосен прекин во двата правца неколку часа поради увидот и расчистување на остатоците од возилата.
Причините за несреќата сè уште се испитуваат.