Една жена е убиена во центарот на германскиот град Келхајм, а нејзиниот сопруг, кој е осомничен за нападот, е уапсен откако очевидци го совладале и го задржале до пристигнувањето на полицијата, соопштија локалните власти.
Според информациите од полицијата во Хесен, мажот синоќа на улица ја нападнал својата сопруга со нож и ѝ нанел смртоносни повреди, по што таа починала на самото место, пренесува германскиот медиум „Шпигел“.
Сведоците на нападот веднаш интервенирале и го задржале осомничениот до пристигнувањето на итната медицинска помош и полицијата. Како што соопштија полицијата и обвинителството во Франкфурт, мажот се здобил со повреди при приведувањето.
Истрагата е во тек
Мотивот и околностите за свирепото дело сè уште не се познати. Истражните органи во текот на ноќта извршиле увид и форензички вештачења на местото на настанот.
Полицијата соопшти дека целиот настан има голем број очевидци, бидејќи нападот се случил на многу фреквентна локација во близина на локалниот пазар, каде што се наоѓаат повеќе продавници и деловни објекти.
На местото на злосторството биле присутни и свештени лица кои им нуделе поддршка на присутните граѓани. Од полицијата истакнуваат дека сведочењето на ваков чин претставувало исклучително голем психолошки товар за сите очевидци.
Келхајм е град со околу 28.000 жители, сместен во округот Мајн-Таunus, во непосредна близина на Франкфурт на Мајна.









