Македонскиот спорт остана без едно од своите најпознати одбојкарски имиња. На 66-годишна возраст почина легендарниот одбојкар Владимир Ѓорчески, поранешен репрезентативец и еден од најдобрите македонски одбојкари во историјата.
Ѓорчески ја започна својата кариера во Југохром во Тетово, а подоцна настапуваше и за Работнички и Вардар.
Во текот на својата богата кариера играше и во странство, настапувајќи за клубови во Шпанија и Грција, меѓу кои и во Арис.
Тој беше дел и од репрезентацијата на Југославија, за која забележа 48 настапи, а по осамостојувањето стана и прв капитен на македонската одбојкарска репрезентација.
Владимир Ѓорчески беше и татко на македонската тенисерка Лина Ѓорческа.
Неговата смрт претставува голема загуба за македонската одбојка и спортот воопшто.







