Новогодишната ноќ донесе сериозен инцидент во скопската општина Аеродром, каде што 12-годишно момче се здобило со тешки телесни повреди откако петарда експлодирала во неговата рака.
Случајот бил пријавен во 23:26 часот во СВР Скопје, кога од Ургентниот центар при Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ информирале дека кај нив е донесено малолетно лице со сериозни повреди.
Според полициските информации, инцидентот се случил околу 23 часот во парк на подрачјето на Аеродром. Петардата, која била фрлена од соученик на момчето, паднала во негова близина, по што тој се обидел да ја тргне за да не го погоди. Во тој момент, пиротехничкото средство експлодирало во неговата рака.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно утврдување на околностите и одговорноста за настанот, а случајот е евидентиран и се води истрага.
Надлежните уште еднаш апелираат на внимателност и одговорно однесување, особено кога станува збор за користење пиротехника, со цел да се избегнат вакви тешки последици, особено кај децата.
















