На денешното рочиште за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани сведочеше Магдалена Јованова, ќерката на сопственикот на објектот и првообвинет во случајот, Дејан Јованов, познат како Деко.
Во своето сведочење таа зборувала за противпожарната опрема и безбедносните ознаки што, според нејзините тврдења, се наоѓале во објектот.
Јованова посочила дека во таканаречената дискотека имало противпожарни апарати поставени на неколку места – кај главниот влез, во близина на бината и кај шанковите.
Таа навела и дека во објектот имало ознаки за излез и панични светла, кои се наоѓале на задната врата, на вратата предвидена за излез, како и кај вратата во близина на билетарницата.
Во текот на сведочењето, таа потврдила и дека пиротехнички средства биле користени и на други настани организирани во „Пулс“ и во претходниот период. Оваа околност претходно била спомената и од други сведоци на претходните судски рочишта.
Магдалена Јованова изјавила дека нејзиниот татко бил одговорен за работењето на објектот, а нагласила и дека таа не била присутна во „Пулс“ во кобната ноќ кога избувнал пожарот.
На денешното рочиште сведочел и столарот Сашко Зафиров, кој бил ангажиран за изведување внатрешни работи во објектот во 2012 и во 2024 година.
Тој, меѓу другото, посочил дека за ангажманот бил усно договорен со Дејан Јованов.
Сведочењата се дел од судската постапка за пожарот во „Пулс“, во која се утврдуваат околностите поврзани со работењето на објектот и одговорноста на обвинетите.








