ПРВ.мк
Балкан

ЛАЖНА УЗБУНА ЗА ЕВАКУАЦИЈАТА? Вештаците потврдија дека клиниката каде што е сместен Коста К. нема да се урне!

ЛАЖНА УЗБУНА ЗА ЕВАКУАЦИЈАТА? Вештаците потврдија дека клиниката каде што е сместен Коста К. нема да се урне!

По повод настаните на Клиниката за психијатрија и неврологија за деца и младинци, Министерството за здравство соопшти денеска дека според прелиминарните резултати од градежното вештачење не постои опасност од урнување на објектот, ниту пак е загрозена безбедноста на неговата конструкција и дека немало основа за спроведување евакуација на пациентите.

Во соопштението се наведува дека на 16 ноември, по налог на Министерството за здравство, на терен излегле лиценцирани и овластени вештаци од градежната струка и здравствената инспекција со цел да ги утврдат сите релевантни факти и околности.

„Според прелиминарните резултати од градежното вештачење, не постои опасност од урнување на објектот ниту е загрозена безбедноста на неговата конструкција. Исто така, според прелиминарниот стручен наод, немало основа за спроведување евакуација на објектот. Министерството за здравство очекува комплетен пишан наод од вештаците во текот на оваа недела, по што јавноста ќе биде запознаена со сите релевантни факти“, се наведува во соопштението.

Здравствената инспекција, во рамките на својот надзор, констатирала дека процесот на отпуштање пациенти започнал на 12 ноември, односно еден ден пред настанот што предизвика загриженост во јавноста, но и еден ден пред одговорните лица на Клиниката да го известат Министерството за здравство за потребата од итна евакуација.

Министерството за здравство наведува дека инсистира на целосно утврдување на фактите, одговорно постапување на сите надлежни и транспарентно информирање на јавноста.

Безбедноста на пациентите и вработените е апсолутен приоритет и ниту една одлука во здравствениот систем не смее да биде донесена без соодветна стручна проценка и проверка.

По приемот на комплексниот пишан наод од градежните вештаци, Министерството за здравство ќе ја извести јавноста за конечните резултати.

Министерството во саботата, на 14 ноември, соопшти дека одлуката за иселување ја донела директорката на таа установа на 13 ноември, во доцните попладневни часови, врз основа на сопствена проценка за небезбедноста на објектот.

Најнови вести