Помал технички инцидент се случил денеска во производствениот објект на „Маркарт Македонија“, каде што се запалил електричен кабинет од соларниот систем. Во инцидентот нема повредени лица.
Дојавата до Територијалната противпожарна единица Велес била примена во 11:20 часот, по што на местото пристигнале тројца пожарникари-спасители со едно противпожарно возило.
По пристигнувањето било констатирано дека горел ормар за електрична енергија од соларен систем. Пожарот веќе бил изгаснат од вработените, а пожарникарите извршиле дополнителна проверка на местото.
Од „Маркарт Македонија“ соопштија дека веднаш биле активирани интерните безбедносни процедури и дека инцидентот бил навремено локализиран и целосно ставен под контрола.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и здравјето на вработените во ниту еден момент не биле загрозени и дека немало ризик за околината. Причинета е ограничена материјална штета, која се проценува и санира, а производствениот процес ќе продолжи по завршувањето на санацијата.






