Диего Армандо Марадона можел да преживее доколку добиел соодветна медицинска грижа, тврди аргентинското обвинителство во завршните зборови на судењето за смртта на фудбалската легенда.
Обвинителите побарале затворски казни за шестмина здравствени работници кои учествувале во неговото лекување, а највисоката побарана казна е 12 години затвор за неврохирургот и личен лекар на Марадона, Леополдо Луке.
Според обвинителството, смртта на поранешниот аргентински репрезентативец не била неизбежна последица на неговата здравствена состојба, туку можела да биде резултат на сериозни пропусти во медицинската грижа.
Обвинителот Патрицио Ферари пред судот во Сан Исидро изнел остри обвинувања за начинот на кој било организирано домашното лекување на Марадона.
„На 11 ноември 2020 година Марадона беше темпирана бомба. Го однесоа во таа куќа за да се ослободат од него, а 14 дена подоцна почина“, изјавил Ферари.
Станува збор за тврдење на обвинителството, кое судот допрва треба да го оцени.
Според обвинителите, здравствената состојба на Марадона барала постојан медицински надзор, но куќата во која бил сместен во населбата Сан Андрес, во областа Тигре, немала основни услови за таков вид лекување.
Наводно немало дефибрилатор, комплет за прва помош, инфузии, медицински ракавици и газа, а не било обезбедено ниту амбулантно возило и покрај претходните најави дека такви услови ќе има.
„Немаше ништо од она што беше ветено. Тоа беше апсолутен медицински вакуум“, порача обвинителот.
Марадона почина на 25 ноември 2020 година на 60-годишна возраст.
Неколку недели претходно бил опериран поради субдурален хематом, односно насобирање крв меѓу мозокот и неговата заштитна обвивка.
Обвинителството смета дека медицинскиот тим бил свесен за сериозноста на неговата состојба, но сепак дозволил домашно лекување без соодветна опрема и организација.
За Леополдо Луке се бараат 12 години затвор, додека за психијатарката Агустина Косачов обвинителството побарало осум години.
За координаторката на домашната медицинска нега Ненси Форлини се бараат десет години затвор, за психологот Карлос Дијаз пет години, а за медицинскиот техничар Рикардо Алмирон и координаторот Маријано Перони по четири години.
За дел од обвинетите обвинителството побарало и забрана за вршење медицинска дејност.
Во судницата имало и емотивни моменти. Според аргентинските медиуми, психијатарката Агустина Косачов се расплакала додека обвинителите ги изнесувале завршните зборови.
На рочиштето присуствувале и ќерките на Марадона – Далма, Џанина и Јана, како и неговите поранешни партнерки Клаудија Виљафање и Вероника Охеда.
Обвинителството, сепак, побарало ослободителна пресуда за клиничкиот лекар Педро Ди Спања, оценувајќи дека нема доволно основа за негова осуда.
Актуелната постапка е второ судење за смртта на Марадона.
Првото судење беше поништено во мај 2025 година поради неправилности поврзани со постапувањето на судијката Хулиета Макинтах.
Новото судење започна на 14 април 2026 година, а досега биле одржани повеќе од 40 рочишта и сослушани повеќе од 100 сведоци и обвинети.
Сега судскиот совет во Сан Исидро треба да одлучи дали пропустите во медицинската грижа претставуваат кривична одговорност за смртта на една од најголемите фудбалски легенди во историјата.







