Марио Б. (15) беше брутално убиен на 19 јануари во општината Ченеј, Романија. За злосторството се осомничени две момчиња на возраст од 13 и 15 години, кои Марио ги познавал од порано.
Кобниот ден, Марио се сретнал со врсниците, без да насети дека тие го планирале нападот. Според истрагата, тие повеќе од еден месец го подготвувале злосторството, мотивирани од љубомора, бидејќи сметале дека Марио има повеќе од нив.
Минатиот понеделник, во доцните попладневни часови, момчињата го повикале Марио да дојде во куќата на помладиот од нив, под изговор дека треба да види квад што таткото му го испратил од странство. Кога Марио пристигнал, бил нападнат со секира и нож, добивајќи смртоносни повреди. Потоа повикале уште едно момче од 15 години, кое им помогнало телото да го пренесат со количка на блиска нива, каде што телото го запалиле и закопале.
Злосторството било откриено по неколку дена, откако осомничените давале противречни изјави за тоа кога последен пат го виделе Марио. По откривањето, полицијата ги привела трите момчиња, кои го признале злосторството. Двајцата постари осомничени се задржани во притвор од 30 дена, додека најмладиот е пуштен бидејќи според закон не може да кривично одговара поради возраста.
Според локалните медиуми, по психијатриското испитување, момчето било префрлено во куќата на бабата и дедото, која се наоѓа околу 30 километри од српската граница. Жителите на селото дознале дека момчето се крие таму и се обиделе да извршат линч. Мајката успеала во последен момент да го извлече и повторно да го врати во болница, каде што се наоѓа под постојана полициска заштита.
Куќата каде престојувало момчето ја обезбедува Жандармеријата, поради страв од повторни инциденти. Голем број граѓани во Романија бараат измена на законот, со цел и лица помлади од 14 години да можат кривично да одговараат за сериозни злосторства, а ова прашање веќе се разгледува во Министерството за правда.


















