Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на Киев дека безбедносните гаранции од САД зависат од согласноста на Украина за мировен договор, кој веројатно би вклучувал отстапување на регионот Донбас на Русија, објави „Фајненшл Тајмс“ (FT), повикувајќи се на осум извори блиски до преговорите.
Вашингтон исто така најавил дека би обезбедил дополнително оружје за украинската армија во мирнодопски услови, но како цена за мирот со Русија бара Киев да ги повлече своите сили од делови од источниот регион што моментално ги контролира Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека уште овој месец ќе потпише документи за безбедносни гаранции и „план за просперитет“ со САД, што би му дало предност во идните преговори со Москва. Меѓутоа, од Вашингтон доаѓаат сигнали дека американските безбедносни обврски ќе зависат од постигнување договор со Русија. Украински и европски официјални лица го опишуваат ставот на САД како притисок врз Киев за територијални отстапки што Москва ги бара во секој мировен договор.
По состанокот на Трамп и Зеленски во Вашингтон минатиот месец, американските официјални лица изјавиле дека понудата за безбедносни гаранции „нема да стои на маса засекогаш“, но не ги откриле деталите. Украина, од своја страна, инсистира на потврдување на гаранциите пред да се откаже од било каква територија.
Според ФТ, САД сметаат дека Киев мора да се откаже од Донбас за да се заврши војната и не вложуваат значителни напори да го убедат рускиот претседател Владимир Путин да се откаже од своите барања.
Заменичката портпаролка на Белата куќа, Ана Кели, ги негира овие тврдења, нарекувајќи ги „потполна невистина“ и додавајќи дека единствената улога на САД во мировниот процес е да ги обединат двете страни за да се постигне договор.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека тој и Трамп во Давос го финализирале договорот за билатерални безбедносни гаранции, но прашањето за териториите останало нерешено. Според висок функционер од Киев, САД користат гаранции како притисок врз Украина за да ја поттикнат на отстапки што би можеле да ја доведат Русија на преговарачка маса.
Специјалниот пратеник на Кремљ, Кирил Дмитријев, истакнал дека повлекувањето на Украина од Донбас е пат кон мирот, додека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков порача дека украинските вооружени сили мора да го напуштат Донбас како важен услов за руската страна.

















