Помошник-директор во Царинската управа е осомничен дека примил 17.500 евра, а при полициската акција кај клучката Желино се обидел да избега, при што удрил полициски службеник и службено возило.
Станува збор за 63-годишниот Џ.И. од тетовското село Шипковица, кој бил лишен од слобода на 10 септември. Според информациите од МВР, во периодот од април до септември тој во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин, кој потоа го пријавил случајот.
Од вкупната сума, 7.500 евра наводно биле поврзани со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според пријавата, парите биле побарани за договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Уште 10.000 евра, според МВР, биле побарани за користење влијание во друга постапка за јавна набавка која се наоѓала пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. Намерата, според сомненијата, била доколку постапката повторно биде вратена во Царинската управа, да се влијае врз критериумите во техничката спецификација во корист на правно лице.
На 10 септември, на претходно договорена средба, осомничениот ги примил 17.500 евра и со автомобил се упатил кон Тетово.
Во близина на клучката Желино полициски службеници се обиделе да го запрат, но тој не застанал. Според МВР, со автомобилот удрил полицаец и службено полициско возило, по што продолжил да бега.
Во текот на бегството, низ прозорецот од совозачката страна ја исфрлил машката чанта во која се наоѓале парите. Набргу потоа бил запрен и лишен од слобода.
Против Џ.И. е поднесена кривична пријава за сомнение за кривичните дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.







