Во рамки на засилените контроли за сузбивање на нелегалната трговија со пиротехника, денеска полициските службеници од СВР Скопје – ЕВР Центар и Бит Пазар спроведоа акциска проверка на влезот на Бит Пазар, при што беше откриена значителна количина незаконски продавани пиротехнички производи.
На три импровизирани тезги биле пронајдени вкупно 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои веднаш биле одземени. Полицијата презема мерки за идентификација на лицата кои ги продавале, по што ќе следува соодветна пријава.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека контролите ќе продолжат и во следниот период, со цел целосно спречување на нелегалната продажба на пиротехника, особено во пресрет на празничната сезона.
МВР упатува апел до граѓаните: доколку забележат лица кои нудат пиротехнички средства, да го пријават тоа во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

















