До Владата, поточно до Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), пристигнала пријава за сериозна злоупотреба на четири службени возила во предизборниот период, објави телевизијата Телма. Според пријавата, возилата биле користени како поддршка во кампањата за локалните избори во општина Шуто Оризари.
Наводно, возилата со скопски регистарски таблички, сопственост на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, ги управувале лица кои воопшто не биле вработени во претпријатието. Тие биле забележани на отворање партиски штаб, што ги покренува сомнежите за директна политичка злоупотреба на државни ресурси.
Од СОЗР потврдиле дека пријавата постои и дека на 02.10.2025 година била препратена до три институции — „Паркови и зеленило“, Град Скопје и кабинетот на градоначалникот — со цел да се добие официјален став. Но, и покрај протокот на време, СОЗР сè уште нема добиено одговор од ниту една од овие институции.
Дополнително, епилог нема ниту во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Таму е пристигната само една пријава за злоупотреба на службени возила во предизборниот период, слично како и лани во време на парламентарните и претседателските избори. Но, за таа единствена пријава Комисијата утврдила дека нема елементи за постапување.
Во контекст на контрола, институциите беа должни до средината на септември да ги обележат службените возила со специјални таблички во боја (црвена позадина со жолти букви и бројки). Целта беше поголема транспарентност и полесно откривање на злоупотреби. Но, од СОЗР признаваат дека дел од институциите сè уште немаат поставено вакви таблички.
Според податоците на Владата, околу 3 000 возила веќе добиле обележани регистарски таблички. Но бројките што ги доставило МВР се значително пониски – нешто над 1 500 возила, што отвора дополнителни прашања околу усогласеноста на институциите и транспарентноста.
И натаму не е разјаснето дали системот за надзор „Безбеден град“ може да ги препознае овие специјални таблички, а со тоа и да помогне во идентификација на евентуални злоупотреби. Од МВР укажуваат дека за секое службено возило мора да постои патен налог, кој ќе послужи како доказ за тоа кое лице го управувало во моментот на направен прекршок.
Иако јавните претпријатија и институциите по закон беа обврзани пред почетокот на локалните избори да достават целосни податоци до ДКСК за службените возила, тоа го направиле само 42% од вкупно 1 518 институции. Повеќе од половината — 58% — не ја исполниле оваа обврска.
Македонските институции располагаат со околу седум илјади службени возила, а Владата најавува дека сите ќе добијат црвени таблички при следната регистрација — чекор кој треба да донесе поголема контрола, но кој засега е реализиран само делумно.

















