Трагедија од невидени размери го потресе италијанскиот град Маса на самиот ден на православниот Велигден. Еден 47-годишен маж, поранешен спортист и тивок семеен човек, го загуби животот на најбрутален начин откако беше претепан до смрт од тројца млади мажи пред очите на неговата свршеница и неговиот 11-годишен син.
Сè започнало во центарот на градот кога жртвата забележала група млади луѓе како дивеат и фрлаат шишиња кон излог на продавница. Тој се обидел да ги опомене за нивното однесување, но наместо срам, кај насилниците предизвикал бесен напад. Тие го собориле на земја и безмилосно го удирале со тупаници и клоци сè додека не престанал да дава знаци на живот.
Сведоците на овој хорор опишуваат морничави сцени кои веројатно засекогаш ќе останат во сеќавањето на присутните. Малото момче, синот на жртвата, наводно цело време ја држело раката на својот татко додека тој умирал на плочникот. И покрај брзата интервенција на медицинските екипи, на човекот му немало спас.
Италијанската полиција реагираше експресно и ги лиши од слобода осомничените. Станува збор за двајца романски државјани (23 и 19 години) и еден 17-годишен малолетник со италијанско државјанство. Градоначалникот на Маса го осуди ова гнасно злосторство, истакнувајќи дека жртвата платила со живот за обидот да ги научи младите на „основите на граѓанското однесување“.
Убиениот маж за неколку месеци требало да прави свадба со својата избраничка. Наместо славење, градот Маса сега подготвува бдение со свеќи во знак на почит кон трагично загинатиот сограѓанин.










