ПРВ.мк
Црна Хроника

СВЕДОШТВА ШТО ГО ТРЕСАТ СУДОТ: Нови детали за трагичниот пожар во „Пулс“ во Кочани

СВЕДОШТВА ШТО ГО ТРЕСАТ СУДОТ: Нови детали за трагичниот пожар во „Пулс“ во Кочани

Судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи со сведочења на две девојки, кои пред судот опишаа сериозни пропусти во работењето на локалот и хаосот што настанал кобната вечер.

Една од сведокот, Ана Томева, која преживеала во пожарот, изјавила дека објектот функционирал со бројни неправилности – од непријавени работници до недостиг на основни безбедносни стандарди. Таа посочила дека вработените немале обука за противпожарна заштита и дека не знаеле каде се наоѓаат противпожарните апарати, ниту како да постапат во итни ситуации.

Во нејзиниот исказ, прочитан во судницата, се наведува и дека дел од платите се исплаќале во готово, без официјална документација, а постоела и практика на прикривање на реалната состојба при најавени контроли.

Томева исто така изразила сомневање за влијание врз институциите, тврдејќи дека сопственикот имал неформална заштита од одредени лица во полицијата и инспекциските служби.

Втората сведок, Лина Крстева, која била присутна таа вечер, опишала паника и недостиг на организирана евакуација. Таа навела дека немало лица што ги упатувале гостите кон излезите, а дел од полицијата и присутните не реагирале навреме.

Според нејзиниот исказ, пожарот започнал за време на настап на музичка група, при што биле користени пиротехнички средства, по што брзо се проширил чад и избила паника.

По читањето на сведочењата, во судот биле презентирани и видеоматеријали од трагичниот настан, кои, според присутните, биле со вознемирувачка содржина.