Хрватската полиција приведе 41-годишен хрватски државјанин, осомничен за серија кражби и вооружени разбојништва на подрачјето на Истра.
По спроведената криминалистичка истрага, мажот се сомничи за вкупно 12 кривични дела, од кои осум тешки кражби, две разбојништва и две кражби на автомобили.
Според полициските информации, осомничениот во март извршил две вооружени разбојништва во Пула. Негови мети биле спортска обложувалница и продавница, каде што наводно им се заканувал на вработените со пиштол и одземал пари.
Крадел алкохол, цигари, автомобили, па дури и цел сеф
Во периодот од февруари до октомври, осомничениот наводно извршил серија провали во продавници на подрачјето на Пула и околните населени места.
Од објектите претежно одземал тутунски производи, алкохолни пијалаци и друга стока, а во еден случај украл и цел сеф.
Полицијата го сомничи и за кражба на два автомобила. Едното возило подоцна било пронајдено оштетено во околината на Ровињ, додека со другото бил затекнат од полицијата на 11 ноември.
Вкупната материјална штета причинета на физички и правни лица се проценува на неколку илјади евра.
По завршувањето на криминалистичката истрага, на 26 ноември осомничениот бил спроведен во притворската единица на Полициската управа во Истра.







