На автопатот Скопје–Велес, во близина на мостот по наплатната рампа Сопот, денеска попладне се случила сообраќајна несреќа во која се повредени три млади девојки.
Според информациите од МВР, патничко возило „опел“ со велешки регистарски таблички, управувано од 19-годишна девојка од Велес, од засега непознати причини изгубило контрола и се превртело на коловозот.
Во возилото покрај возачката се наоѓале уште две сопатнички, на возраст од 20 и 17 години, исто така од Велес. Сите три лица се здобиле со телесни повреди.
Повредените веднаш биле пренесени и прегледани во Општата болница во Велес, каде им била укажана лекарска помош. Според првичните информации, нивната состојба е стабилна.
На местото на несреќата излегла увидна екипа од СВР Велес, а за случајот бил известен и јавен обвинител. Се работи на утврдување на причините што довеле до превртувањето на возилото.







