Во јавноста се појави шокантно видео кое прикажува насилство врз малолетничка во Основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип. Снимката открива како додека девојчињата физички ја напаѓаат својата врсничка, момчињата наместо да помогнат – го снимаат целиот чин.
Случајот станува уште потежок со фактот дека малолетничката не е жртва на еднократен напад, туку во изминатите три месеци била малтретирана дури четири пати. Насилството не се ограничува само во училиштето, туку продолжува и надвор од него, оставајќи сериозни последици врз психичкото и физичкото здравје на девојчето.
Нејзината мајка, видно потресена и огорчена, испрати силна порака која може да се слушне во видеото, барајќи конечно институциите да се разбудат и да преземат одговорност.
Овој случај отвори лавина реакции во јавноста, а граѓаните бараат од надлежните органи итно да постапат, да го спречат понатамошното малтретирање и да обезбедат заштита за малолетничката.
Видеото, кое брзо се шири по социјалните мрежи, уште еднаш ја отвори болната тема за врсничкото насилство во Македонија и за неефикасните механизми на системот кој повторно затаил во заштитата на најмладите.
Извор: newz24live